ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израел силно ја бомбардираше Газа

27.03.2024 12:20

Одекнуваат експлозии, размена на оган меѓу Израел и Хезболах. Жртви и на двете страни. Израелските разузнавачи ја потврдија смртта на двајца високи команданти на Хамас...

Жестока размена на оган меѓу Израел и Хезболах. Жртви и на едната и на другата страна. Тел Авив тврди – елиминиран е клучен член на терористичка група во Либан. Судири и на западниот брег. Со несмалено темпо се водат борби и во Газа. Интензивирани воздушните напади во Рафах. Мировниците загрижени.

„Исклучително сум загрижен од можниот кошмар над 1 милион луѓе да бидат раселени доколку Израел продолжи со планираните копнени операции во Рафах“, Тор Венесланд, специјален координатор за блискоисточниот мировен процес.

Усвоената резолуција во ООН го зацврсти ставот на Нетанјаху за копнената офанзива во јужниот град. САД го отфрла обвинувањето на Израел дека резолуцијата го охрабрила Хамас и им наштетила на преговорите.

„Можам да ви кажам дека одговорот на Хамас беше подготвен пред гласањето во советот за безбедност на он, а не по него. Нема да се вклучиме во реторичко одвлекување на вниманието по ова прашање, туку ќе продолжиме со напорите за ослободување на заложниците. Отсекогаш верувавме дека тоа ќе се постигне со преговори, а не со процес на ОН“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Молат за договор и роднините на заложниците.

„Преговорите се единственото нешто што може да доведе до вистински договор. Не можете да престанете да преговарате додека сè уште има заложници во Газа“, изјави Гил Дикман, роднина на заложник.

Катар потврди дека индиректните преговори меѓу завојуваните страни, продолжуваат. Ќе продолжат и апсењата на терористите во Кан Јунис. Израелските разузнавачи ја потврдија смртта на двајца високи команданти на Хамас.

„Според разузнавачките информации, Марван Иса бил убиен во напад што го извршивме пред околу две недели, заедно со Рази Абу Тамаа. Марван Иса, човекот број три во Хамас, е еден од планерите на масакрот на 7 октомври“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Хамас вели дека ќе ги држи заложниците додека Израел не се согласи на потраен прекин на огнот, не ги повлече своите сили од газа и не ослободи стотици палестински затвореници, вклучително и највисоките милитанти.

 

Бојана Крстевски