Нападот во Москва ги заостри односите меѓу Русија и Западот
Кремљ со обвинувања кон Киев и неговите западни сојузници за вмешаност во терористичкиот напад во Москва. Вашингтон дециден – не постојат никакви докази за вмешаност на Украина во нападот врз московската концертна сала. На фронтот борбите не запираат. А, изгледите за мировни преговори исчезнаа, откако Русија експресно ја отфрли можноста Швајцарија да посредува во разговорите...

Најсмртоносниот терористички напад во Москва во последните две децении дополнително ги заостри односите меѓу Русија и Западот. Путин не ја пропушти шансата директно да го впери прстот во Киев и неговите сојузници, обвинувајќи ги за индиректна вмешаност во масакрот што се случи во московската концертна сала. Вашингтон ги демантира ваквите наводи на Кремљ. Стравуваат дека Путин ќе го искористи масакрот за интензивирање на нападите во Украина.
„Нема никакви докази дека Украина е вмешана, бидејќи Украина не е вклучена во ова. Би сакам да прокоментира, ова е пропаганда на руските официјални лица, вклучително и Путин за оправдување на агресијата против Украина“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департмент.
Демант за било каква вмешаност во терористичкиот напад во Москва, пристигна и од Киев. Помошникот на украинскиот претседател Зеленски, Подољак ги нарече целосна лага, наводите на директорот на руското разузнавање Бортников за можна вмешаност на САД, Велика Британија и Украина во масакрот. Белорускиот претседател Лукашенко, пак, изјави дека напаѓачите во прв момент сакале да избегаат во Белорусија, а не во Украина, како што тврдеше Путин.
„Тие се предомислија за преминот преку Белорусија, бидејќи како и Русија и ние во првите минути ја засиливме безбедноста на границата“, изјави Александер Лукашенко, претседател на Белорусија.
А, на фронтот борбите не престануваат. Во обраќањето по повод Денот на руската национална града, Путин со честитки до војниците за храброста за обезбедување на суверенитетот на земјата.
„Им оддавам посебна почит на нашите соборци кои служат во Донбас и Новоросија, во областите во непосредна близина на борбената зона. Знам дека бестрашно се борите, ги ризикувате своите животи, ги штитите животите на цивилите, извршувате смели операции“, изјави Владимир Путин, претседател на руската федерација.
И по повеќе од две години од почетокот на руската инвазија во Украина, изгледи за почеток на мировни преговори нема. И последната искра надеж по подадената рака на Швајцарија исчезна, откако рускиот претставник во Обединетите нации Гатилов рече дека Москва не гледа шанса Швајцарија да биде посредник во завршувањето на војната во Украина. За него, таа ја изгубила неутралноста по воведувањето санкции кон Русија.
Маја Стојанова
