Србија

Продолжува потрагата по Данка Илиќ која исчезна вчера попладне

27.03.2024 12:50

Србија на нозе. Продолжи потрагата по 2-годишната Данка Илиќ која исчезна вчера попладне во Бањско поле кај Бор. Првпат е активиран системот „Амбер алерт“ за брза реакција и пронаоѓање на исчезнати деца. Освен родителите и роднините, по неа трагаат и граѓаните. Полицијата и противпожарната служба користат дронови со топлотни камери, хеликоптери и кучиња. Малата Данка има кафена коса и кафени очи и висока е 85 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето носела црни пантолони и маслинеста јакна – стои во описот на полицијата.

Во Србија синоќа е активиран системот ПРОНАЈДИ МЕ, за исчезнато двегодишно девојче од Бор чија потрага безуспешно трае веќе над 20 часа.

Сите граѓани на Србија синоќа добија СМС-порака од системот Пронајди ме за исчезнато двегодишно девојче од Бор, Данка Илиќ, со што за прв пат во Србија е поткренат системот „Амберт алерт“-Пронајди ме за итно известување на јавноста за исчезнато малолетно лице.

Данка Илиќ, стара две години исчезна во 13 часот и 45 минути во населбата Бањско поле во град Бор. Девојчето исчезна на непристапен терен, обраснат со густа шума. Таа има кафена коса, кафени очи, висока е околу 85 сантиметри, во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна, црни патики и косата и е врзана во опавче. Доколку имате информации јавете се во полиција на 192, добија СМС-порака сите граѓани на Србија, но и со прекинување на ТВ и радио програмите, прикажување на екраните на автопатиштата, аеродромите, железничките и автобуските станици.

„Се прегледавме. Шумата ја пребаравме 15 пати. Само постои можност некој од страна да не дошол и го собрал детето. Од тоа најмногу се плашам“, изјави жител.

„Комшијата кажа дека таа била сама пред мојата врата, но јас не ја видов. Вакво нешто досега небило. Ова е многу жално. Стварно велам, недај боже на некој вакво да му се случи. Душа ме боли и доаѓа да умрам“, изјави жителка.

Потрагата по двегодишното девојче трае над 20 часа, а се проверуваат домаќинства и викендички, патиштата, полињата, густата шума. На терен е полицијата, пожарникари-спасувачи, Жандармеријата со кучиња трагачи, рударите од градот и бројни граѓани. Во потрагата по девојчето во која се вклучени околу 2.000 луѓе се користат и дронови со термокамери и хеликоптери.

Потрагата засега е безуспешна. Дождот што паѓа во текот на денот уште повеќе ја отежнува потрагата, која продолжува во насока на Борско езеро. Во Србија од 25 октомври минатата година почна да работи системот за итно известување на јавноста за исчезнати деца.

 

Од Белград за МТВ Оливер Бранковиќ