Стопанска комора

Азески: Еднаш засекогаш да се стави крај на сивата економија

27.03.2024 14:09

Економијата да биде во фокусот во следните 10 години, порача првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Најави низа чекори кои ќе се преземат, ако политичарите почнат незаконски да се однесуваат...

Економијата да биде во фокусот во следните 10 години и еднаш засекогаш да се стави крај на сивата економија и нелегалните бизниси. Претседателот на Стопанската комора на Македонија рече дека стопанството веќе нема да биде излажано од политичарите и најави низа чекори кои ќе се преземат, ако политичарите почнат незаконски да се однесуваат.

Азески посочи дека бизнисот бара одговор на прашањето за почетната точка на промените и дали ова нема да биде повторување на желботеките на политичарите пред избори.

„Ние како бизнис-заедница сакаме да видиме промени во балансот и комуникацијата. Секое чекање, кај нас чини пари и затоа од каде да почнеме со промените. Сите сме согласни дека тоа е образованието. Почетна точка е колку можеме да потрошиме сега. Бизнисот бара предвидливост и тоа треба да биде основа во комуникацијата“, рече Азески.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека политиката и бизнисот мора да имаат редовна комуникација и затоа партијата сака да слушне од бизнисот, кои предизвици треба да се решат.

„Она што го кажаа бизнисмените ќе влезе во програмата на владата. Важно е да ги определиме главните насоки и да нема отстапувања од договореното“, рече Мицкоски.

Мицкоски најави дека рамниот данок од 10% ќе се намали на 8%, јасна политика на парафискалните давачки, регулаторната гилотина, ниски царински давачки, како и постојана борба со сивата економија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека ќе се бара да се види со каков имот располага секој граѓанин, почнувајќи од него.

Борис Грујоски