Специјализантите на протест побараа повисоки плати и регулиран работен однос
Приватните специјализанти земаат 25 илјади денари месечен надомест, од кои 12 илјади треба да ги потријат трошоците за специјализација. Освен тоа што финансиите не се доволни, немаат ниту решено работен статус. Тие денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за здравство, од каде добие уверување дека можат да бидат коригирани само финансиите, бидејќи земјата е во изборен циклус...

Околу 400 лекари приватни специјализанти денеска наместо во ординација излегоа на протест пред Министерството за здравство. Тие доставија неколку барања до министерот.
Поддршка добија и до случајните минувачи.
Маријана Кацарска-Гешоски работела претходно 5 години, а сега две години е лекар на специјализација, приватна по интерна медицина. Вели дека имаат месечни примања од 26.000 денари, кои се малку за да ги задоволат нивните потреби, а немаат ниту здравствено осигурување ниту платено породилно отсуство.
Бараат повисока плата и да се изедначат со таа на општите лекари. Воведување бесплатно здравствено осигурување, навремена исплата на дежурства со секоја тековна плата и трансформација на сите приватни специјализанти во државни.
По протестот беа примени на разговор со претставници на Министерството за здравство. Задоволни се од исходот.
Денеска добиле ветување од надлежното министерство дека веднаш ќе биде испратена информација до јавно здравствените установи сите кои се на приватна специјализација да бидат здравствено осигурани. По завршување на изборите во јавноздравствените установи ќе бидат отворени масовни конкурси, им ветиле надлежните.
Ана Јосифоска-Тодоровска
