Костадиновска-Стојчевска: Само гласни и обединети ќе се спротивставиме на говорот на омраза и родово насилство
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на панел-дискусијата „Предизвиците на говорот на омраза: Еманципација и еднаквост на жените во политиката“ што се одржа во „Мала станица“ рече дека треба да сме гласни и обединети против говорот на омраза со што ќе покажеме дека тоа не е новото нормално...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на панел-дискусијата „Предизвиците на говорот на омраза: Еманципација и еднаквост на жените во политиката“ што се одржа во „Мала станица“ рече дека треба да сме гласни и обединети против говорот на омраза со што ќе покажеме дека тоа не е новото нормално.
„Да не бидам гласна, храбра, независна како тие што рекламираат кредити туку да бидам гласна затоа што говорот на омраза ни се случува на сите“, потеницираше Костадиновска-Стојчевска.
Споделувајќи го своето негативно искуство со говорот на омраза на социјалните мрежи, министерката за култура истакна дека не треба да има толеранција кон говорот на омраза кој е многу присутен на социјаните мрежи.
„Не сум меѓу првите кои доживеале говор на омраза на социјалните мрежи, но сакам да сум меѓу последните што ќе бидат мета на овој говор на омраза, од кој се чувствувам непријатно“, рече министерката за култура, истакнувајќи ја потребата од повеќе механизми за поддршка и законски измени во насока на спречување на оваа несакана појава.
„Денес е светски ден на театарот, а дел од денот поминав со младите од ФДУ, со кои се согласивме дека треба да ја вратиме назад културата на одење во театар. Сметам дека ако најголемата моќ доаѓа преку културата, тогаш темата говор на омраза, семејство насилство треба да биде дел од темите кои почесто се обработуваат во културата. Не само преку културата, туку и преку сите облици да ги едуцираме децата со какви појави можат да се соочуваат“, додаде министерката за култура.
Истакнувајќи дека жената во политиката е лесна мета, а предизборието, како што се вели е „сезона на отстрел“, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека е прифатлива критиката за она што го работиме, но нашиот приватен живот не смее да биде изложен на говор на омраза.
На дискусијата на која се истражуваше сложената динамика на говорот на омраза кон жените во политиката, поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска-потпретседателка на Партијата на европските социјалисти која рече дека секој од нас минал низ некакво вид на онлајн насилство, а ако темата насилство кон жените ја сведиме само кон жените во политиката, ќе напривиме грешка.
Претседателката на Форумот на жени на ПЕС и сегашен член на Унгарскиот парламент Зита Гурмаи во видео-обраќањето рече дека родовото насилство, влучувајќи го и говорот на омраза претставуваат една од многуте закани за постигнување на родовата еднаквост.
Панел-дискусијата се одржа со бројно присуство, а организирана беше од Институтот за социјална демократија „Прогрес“.
