Блискиот Исток

САД: Копнената офанзива во Рафах не е добра идеја

28.03.2024 09:20

САД смета дека копнената офанзива во Рафах не е добра идеја. Израелскиот премиер Нетанјаху, пак со веќе познатиот став дека нема да потклекне под меѓународен притисок. Тврди цивилите ќе можат да побегнат од борбите ...

САД ја признаваат потребата на Израел да се бори против Хамас, но не мислат дека копнената офанзива во Рафах е добра идеја. Официјални лица велат дека кабинетот на израелскиот премиер и соопштил на Белата куќа дека сака да го презакаже состанокот што претходно го откажа, откако САД се воздржаа од вето на резолуцијата на Советот за безбедност која повикува на прекин на огнот во Газа без услови за ослободување на заложниците.

„Воена операција во Рафах од целосен размер би била грешка. И тоа не е нешто што можеме да го поддржиме. Она што сметаме дека е опција е ограничена кампања која сепак може да ги постигне истите цели, кои би довеле до пораз на преостанатите баталјони на Хамас во Рафах, без огромна штета на цивилното население, без попречување на испораката на хуманитарна помош и без всушност да ја ослабне безбедноста на Израел“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Израел сака да ги уништи четирите баталјони на Хамас во Рафах, велејќи дека е потребна копнена офанзива. Израелскиот премиер Нетанјаху одново потенцираше дека нема да дозволи потклекнување под меѓународен притисок, а цивилите ќе можат да побегнат од борбите.

„Победата е на дофат. Доаѓа за неколку недели. Сега ни велат дека не може да го направиме ова, и ако одиме во Рафах ќе имаме хуманитарна катастрофа. Велат ќе имаме 30.000 цивили жртви, но тоа не е точно, едноставно не е точно“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Западните земји продолжуваат да доставуваат хуманитарна помош за погоденото население во Газа, од воздух. Во меѓувреме, Централната команда на САД синоќа соопшти дека уништила четири дронови со долг дострел, лансирани од јеменските Хути. Дроновите таргетирале американски воен брод во Црвено Море.

 

Маријана Димовска