МЗШВ

Николовски на четвртата работилница од „Програмата за управување со пожари на ниво на предел“

28.03.2024 11:35

Денеска се одржува четвртата работилница од осумгодишната „Програма за управување со пожари на ниво на предел“, на која учествуваа претставници од речиси сите релевантни институции како и приватни организации и здруженија...

Постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво. Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел, загрозувајќи ги екосистемите, ризикот по животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат.

Она што ја прави оваа програма уште позначајна е тоа што програмата се спроведува во седум земји од Западен Балкан и има за цел да ја подобри регионалната соработка помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Балканските држави се поврзани меѓусебно за заедничко координирано управувањето со пожарите на ниво на предел. Во таа наша заедничка активност, вклучени се претставници од повеќе различни институции, организации и здруженија, како и локалното население, што силно придонесува да се подигне јавната свест за заштита на природните ресурси и важноста на личниот придонес на секој поединец.

Од друга страна, освен регионалната соработка, програмата предвидува и национален ангажман и посветена работа на нашата Национална мрежа, која преку еден отворен и транспарентен процес, изработи Извештај за управување со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија, кој денеска беше презентиран. Овој Извештај како заеднички производ, има за цел да придонесе кон подобро разбирање на состојбата со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија, земајќи ги во предвид шумите и другото шумско земјиште, како главен екосистем во кој се случуваат пожарите, вклучувајќи ги и пределите односно целокупниот пејзаж кој е потенцијално загрозен од пожар. Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и изготвување на национална стратегија, како основа и клучен документ врз кој ќе се водат идните политики за управување и заштита на шумите и пределите од пожарите

Николовски упати искрена благодарност до сите учесници за активниот придонес кон напредокот на „Програмата за управување со пожари на ниво на предел“. Како резултат на досегашната работа на Националната мрежа, имплементирани се принципи за управување со пожари на ниво на предел во новиот Закон за шумите кој е во владина постапка за негово усвојување, а во фаза на изработка се и три нови правилници кои произлегуваат од Законот.

„Програмата за управување со пожари на ниво на предел“ е осумгодишен проект кој со одговорна и посветена работа и во наредните години, ќе придонесе за да ја достигнеме нашата заедничка цел, а тоа е да изградиме национални екосистеми отпорни на пожари.