Здравство

Пролетните алергии почнаа да ги полнат амбулантите

28.03.2024 13:37

Зголемен бројот на алергии во овој период. Амбулантите се полнат, но најбројни се најмладите пациенти...

Цветањето на дрвата и на тревата почна да им предизвикува проблеми на граѓаните. Пролетните алергии ги полнат амбулантите – пациентите се жалат на затнат нос, јадеж во очите, кивавица, изнемоштеност. Лекарите велат, важно е лекувањето да почне навреме за да не дојде до влошување на состојбата.

„Треба да се заштитат со маска доколку излегуваат, да внимаваат во кој период од денот излегуваат особено сега кога ги имаме модерните смарт апарати кои кажуваат кога е најголемиот пик на поленово истекување, затворање на прозорите, постојано да се земаат течности, витаминизација на организмот и секако она што е препишано од лекарот“, изјави д-р Ангелчо Андоновски, педијатар.

Секој трет граѓанин во земјава има некоја алергија. Лекарите велат, иако се најизразени во овој период, присутни се во текот на целата година. Загадениот воздух дополнително ги влошува симптомите кај граѓаните.

„Веќе се смени времето, дојде до голема контаминација, до голем проток на алергени, тука ќе го спомнам загадувањето, штетните материи, лошиот начин на исхрана и се она што значи нездрав живот, односно момент каде самите алергии ќе го најдат својот просторот дури можат да бидат многу лоши погубни за здравјето на еден организам“, додава д-р Ангелчо Андоновски.

Додека повеќето од нас со нетрпение ја чекаат пролетта, има и такви на кои расцветаните дрвја им се кошмар.

 

Андријана Ѓурческа