Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Клубот на пратеници го отвори Информативниот ден на НАТО Програмата „Наука за мир и безбедност“ на кој стотина претставници од академската заедница и невладиниот сектор ...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Клубот на пратеници го отвори Информативниот ден на НАТО Програмата „Наука за мир и безбедност“ на кој стотина претставници од академската заедница и невладиниот сектор можат директно да се запознаат со целите на оваа НАТО програма и начините за заедничка работа на развојни програми во областа на науката и технологијата.
Петровска пред шефот на Одделот за управување и координација на оваа програма, Клаудио Палестини, Ејуп Турмус, советник и програмски менаџмент, нивниот тим и останатите присутни порача дека за помалку од една деценија светот се соочи со кризи со кои не се соочила Алијансата од нејзиното основање пред седумдесет и пет години. Во услови на променета безбедносна средина, сајбер-напади, енергетска и здравствена криза, рече, повеќе од важно е да се приспособиме на промените и како општество и како индивидуи.
Оваа програма, истакна министерката, ги поврзува научниците НАТО и нејзините партнерски земји за да се справат со овие предизвици преку научно истражување, технолошки иновации и размена на експертиза и знаење. Ја повика академската заедница во Северна Македонија да ја искористи оваа можност за поблиска и поефикасна соработка.
Имајќи предвид дека оваа програма од 2014 година со Северна Македонија реализираше 27 проекти, прво како партнер, а потоа и како сојузничка земја, министерката изрази уверување дека бројот на успешни заеднички проекти ќе расте и подвлече дека Министерството за одбрана е подготвено да продолжи да биде лојален партнер отворен за соработка и за поддршка.
Шефот на НАТО Програмата Наука за мир и безбедност, Палестини, порача дека Северна Македонија веќе беше дел од една од најважните проекти на оваа програма за развој на Команден систем за инциденти од следната генерација, кој е значајна алатка во зголемувањето на подготвеноста за одговор на кризи како одрони и поплави.
Програмата на НАТО за наука мир и безбедност ја поврзува научната заедница во НАТО преку соработка на полето на науката со цел справување со новите безбедносни предизвици. Оваа програма креира мрежи на научници експерти и владини претставници од земјите членки и партнери на НАТО за технички и научен напредок. Програмата нуди финансирање, стручни совети и поддршка на активности релевантни за цивилната безбедност кои одговараат на стратешките цели на НАТО и земјите членки, а нејзината цел е заедничко справување со предизвиците на полето на сајбер-одбрана, антитероризам енергетска и еколошка безбедност, односно развој на напредни технологии поврзани со безбедноста.
