истрага

Три лица приведени за убиството на лекарот, истрагата продолжува

28.03.2024 14:52

Полицијата приведе три лица за убиството на матичниот лекар Ацо Трпковски кој беше пронајден со убодни рани во скопската населба Железара. Министер Тошковски потврди дека претресите се завршени, но истрагата продолжува...

Матичниот лекар Ацо Трповски не го убил некој од неговите пациенти или професионални соработници. Истрагата која досега има приведено тројца, води кон релации кои се надвор од професионалниот ангажман на лекарот. За ова информираше ресорниот министер Тошковски кој потврди дека претресите се завршени, но истрагата продолжува. Дали тоа значи дека може да бидат приведени уште осомничени, засега нема информација.

Потрагата по сторителите на грозоморното убиство траеше една недела. За да го откријат идентитетот на убијците, инспекторите на МВР прегледале повеќе од 50 снимки од безбедносни камери, а како што велат, преземени се и дваесетина истражни дејствија. 67-годишниот лекар беше пронајден мртов во неговиот автомобил, на паркинг пред ординацијата каде што работел, во поликлиниката Железара.

Безживотното тело со повеќе убодни рани го пронајдоа неговите синови, по што ја известија полицијата.

 

Анита Димитријевска – Велковска