Одбројуваат деновите до стартот на изборната кампања, се креираат пратеничките листи
Се одбројуваат деновите до стартот на изборната кампања. Листите за кандидати за пратеници треба да се достават најдоцна до 2-ри април. И двајцата лидери на најголемите политички партии со пофалби за кандидатите. За Ковачевски тие се одбрани од членството на партијата, а за Мицкоски нивната листа ќе биде составена од чесни луѓе...

Очекуваме на највисоките партиски тела да ги потврдиме кандидатските листи за пратеници. Тоа според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе бидат чесни луѓе со професионален дигнитет, кои што треба да ни ја донесат најубедливата победа на парламентарните избори. Тој вели црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ќе води позитивна кампања со презентација на економски и социјални проекти и решенија за проблемите на граѓаните.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кажа дека нови коалиции со партнери нема да има, а соработки со организации – се случуваат. Според него, пратеничките листи се креирани и одобрени на Конгресот. Ги одобрија и најголемиот број коалициски партнери. Според него, опозицијата има легитимно право да предлага измени во Уставот и за реорганизација на државната управа, но за нив приоритети се уставните измени за вметнување на бугарите во уставот, како услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Листите за кандидати за пратеници треба да се достават најдоцна до 2-ри април. Веќе се потврдени седуммина кандидати за шеф на државата за претседателските избори кои треба да се одржат на 24-ти април. На 8-ми мај се закажани парламентарните избори во ист ден со евентуалниот втор круг од претседателските избори.
Игор Панов
