Охрид

Сите дивоградби во заштитеното подрачје на Охрид ќе се уриваат

28.03.2024 19:11

Денеска се заокружува дводневната посета на Охрид од реактивната мисија на УНЕСКО. Невладините организации имаа повеќе забелешки меѓу кои доминираа оние за недоволното справување со дивоградбите и заштитата на Охридското Езеро, додека од Министерството за култура посочија дека сите дивоградби во заштитените подрачја ќе бидат урнати. Притоа беше укажано дека токму поради активностите на сите надлежни органи во септември е сочуван статусот во УНЕСКО...

Неспорно е дека дел од препораките на УНЕСКО од септември се исполнети, особено кога станува збор за законската регулатива, меѓутоа во Охрид и долж крајбрежјето сè уште има неконтролирани дејствија, односно никнуваат дивоградби од субјекти за кои законите се само парче хартија. Ова се само некои од ставовите на невладините организации кои што ги презентираа пред Реактивната мисија на УНЕСКО, при што укажаа на некои пропусти во законите.

„Еден член има таму,вика урбана трансформација. Нов термин, значи легализација на сите дивоизградени објекти на крајбрежјето. Е па тоа УНЕСКО вика не смеете да вршите трансформација на земјиштето од земјоделско во градежно“, изјави Никола Киселинов, член невладина организација.

„Сакаме Охрид да го задржи статусот на заштитено подрачје, културно и природно, но овие проблеми со години само се одлагаат. Пред мисијата на УНЕСКО се претставуваат од надлежните како решени, а во стварност не се“, изјави Борис Стојаноски, член на еколошко друштво.

Забелешките дека ќе се легализираат дивоградби не се точни рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска пред средбата со мисијата на УНЕСКО. Членот каде што се дефинира урбаната трансформација е видоизменет за да нема дилеми дали ќе се врши легализација.

„Напротив се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции кои што имаат можност тоа да го направат за да не се легализира ниту една дивоградба и токму затоа секогаш апелираме и до општините да даваат поопсежни информации во однос на што е тоа, односно кои дивоградби ги имаат на свој терен“, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

Како и секогаш состаноците на Реактивната мисија на УНЕСКО со сите засегнати страни минаа далеку од очите на јавноста.

Дали и колку успешно се спроведуваа препораките на УНЕСКО ќе се знае откако членовите на мисијата ќе го подготват и презентираат извештајот.

Сашо Нелоски