Израелски напади во Сирија
Израел изврши напад врз сирискиот град Алепо. Десетици загинати, од кои петмина членови на либанската група Хезболах. Меѓународниот суд му наложи на Тел Авив да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбедни основни резерви на храна до Газа без одлагање ...

Израел ја продолжува битката со милитантните групи во регионот на Блискиот Исток. Во напад врз сирискиот град Алепо десетици загинати од кои петмина членови на либанската група Хезболах. Од сириското Министерството за одбрана велат дека таргетирани биле неколку области. Висок командант на Хамас е елиминиран, a мрежата од подземни тунели долга 2,5 километри што ги поврзуваше јужните и северните делови на градот Газа е минирана и уништена, соопшти израелската армија.
„Високиот функционер на Хамас што го елиминиравме служел како шеф на снабдувачкиот корпус на воениот огранок. Во минатото, тој служел како шеф на производствениот систем на Хамас и е центар на знаење на организацијата во врска со опремата и муницијата“, изјави Даниел Хагари, главен израелски воен портпарол.
За хуманитарната криза во Газа, судиите од Меѓународниот суд на правдата едногласно му наложија на Израел да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбедни основни резерви на храна, вода и гориво до Газа без одлагање. Одлуката беше поздравена од Хамас и Исламски џихад, но велат оти се надевале дека судот ќе нареди прекин на огнот, како апсолутно решение за страдањето на населението. Највисокиот американски генерал вели дека администрацијата на Бајден не му го дала на Израел целото оружје што го побарал додека се води војната против Хамас во Газа.
„Имаме многу долги безбедносни односи со Израел. И, секако, по 7-ми октомври, работевме многу напорно за безбедносната поддршка за Тел Авив во нивните напори да се одбранат од нападите на Хамас и идните терористички напади. Тоа се секогаш тековни разговори. Програмите, како странски воени финансии, воени продажби, сето тоа е дел од нашите долгогодишни напори да се обезбеди квалитетна воена предност на Израел“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Американските власти беа под притисок да ја искористат тековната испорака на оружје за да го натераат Израел да ја зголеми хуманитарната поддршка во Газа. Воедно и да обезбеди поголема заштита за цивилите, особено додека Израел сака да тргне по баталјоните и раководството на Хамас во јужниот град Рафах.
Маријана Димовска
