ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Напад врз сирискиот град Алепо, десетици загинати

29.03.2024 11:13

Израел изврши напад врз сирискиот град Алепо. Десетици загинати, од кои петмина членови на либанската група Хезболах.Во Појасот Газа состојбата непромената, хуманитарната криза се продлабочува. Од Вашингтон велат дека администрацијата на Бајден не му го дала на Израел целото оружје што го побарал додека се води војната против Хамас...

Израел ја продолжува битката со милитантните групи во регионот на Блискиот Исток. Во напад врз сирискиот град Алепо десетици загинати од кои петмина членови на либанската група Хезболах. Од сириското Министерство за одбрана велат дека биле таргетирани неколку области. Висок командант на Хамас е елиминиран, a мрежата од подземни тунели долга 2,5 километри што ги поврзуваше јужните и северните делови на градот Газа е минирана и уништена, соопшти израелската армија.

„Високиот функционер на Хамас што го елиминиравме служел како шеф на снабдувачкиот корпус на воениот огранок. Во минатото, бил и шеф на производствениот систем на Хамас и е „базата“ на информации во организацијата за опремата и муницијата“, изјави Даниел Хагари, главен израелски воен портпарол.

Највисокиот американски генерал вели дека администрацијата на Бајден не му го дала на Израел целото оружје што го побарал додека се води војната против Хамас во Газа. Американските власти беа под притисок да ја искористат тековната испорака на оружје како потпора за да го натераат Израел да ја зголеми хуманитарната поддршка во Газа и да обезбеди поголема заштита за цивилите, особено додека Израел сака да тргне по баталјоните и раководството на Хамас во јужниот град Рафах.

„Имаме многу долги безбедносни односи со Израел. И, секако, по 7-ми октомври, работевме многу напорно за безбедносната поддршка за Тел Авив, во нивните напори да се одбранат од нападите на Хамас и идните терористички напади. Тоа секогаш се тековни разговори. Програмите, како странски воени финансии, воени продажби, сето тоа е дел од нашите долгогодишни напори да се обезбеди квалитетна воена предност на Израел“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Во опколената палестинска енклава хуманитарната криза е сè подлабока. Голем број семејства живеат во тешки услови. Дел од нив постојано се враќаат во урнатите домови во надеж дека ќе спасат нешто од нивните лични предмети.

„Бараме работи под урнатините, како облека, електрични апарати за домаќинство. За жал се е уништено“, изјави Палестинец.

За хуманитарната криза во Газа, судиите од Меѓународниот суд на правдата едногласно му наложија на Израел да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди основни резерви на храна, вода и на гориво до Газа, без одлагање. Одлуката беше поздравена од Хамас и Исламски џихад, но велат оти се надевале дека судот ќе нареди прекин на огнот, како апсолутно решение за страдањето на населението.

 

Маријана Димовска