Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте амам
На 2 април од 19 часот во Националната галерија Чифте амам организираат изложба „Уметници и бегалци“ ...

Центарот за современи уметности – Скопје, СБункер – Приштина и WIN-Мрежа за интеграција на жените – Букурешт на 2 април (вторник) од 19 часот во Националната галерија Чифте амам организираат изложба „Уметници и бегалци“.
„Изложбата е базирана на автентични сведочења раскажани од украински бегалци директно на уметниците вклучени во оваа изложба за време на нивната посета на бегалските заедници во Романија на почетокот на март 2024“, соопштуваат од Центарот.
На изложбата со свои дела ќе се претстават Ѓорѓе Јовановиќ (С. Македонија), Маја Танева (С. Македонија), Озбек Ајваз (С. Македонија), Бутринт Паша (Косово), Диела Вала (Косово), Андин Бакија (Косово) и Серхи Тиекхов (Украина).
Како што посочуваат организаторите, на почетокот на идејата за оваа изложба уметниците добиле тешка задача да ги трансформираат личните приказни на бегалците од Украина во уметнички дела користејќи ја емоционалната моќ на уметноста да ги шират автентичните наративи на украинските бегалци и на овој начин, велат тие, да придонесат за ширење на вистината за војната и агресијата.
