Четврти ден се трага по двегодишната Данка Илиќ
Потрагата по двегодишното девојче од Бањско Поле влезе во четвртиот ден, сè уште нема ниту еден траг од девојчето ...

Потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор сè уште трае. Денес два специјалистички тимови со кучиња спасувачи обучени и тренирани да бараат и спасуваат луѓе од урнатините и на отворено започнаа со детално пребарување на просторот околу куќата, пред која исчезна девојчето.
Вчера земјиштето околу куќата на исчезнатото девојче, беше расчистено со багер за да се провери дали има докази под гранките кои би помогнале во потрагата.
Во близина на Хаџиќи во Босна и Херцеговина, се уапсени три лица кои тврдеа дека имаат информации за исчезната Данка, за што барале пари, но во полицијата изјавиле дека „само се шегувале“.
Двегодишната Данка е пријавена за исчезната од нејзината мајка во вторникот. Оттогаш трае потрагата во кој се вклучени стотици припадници на полицијата, жандармеријата, доброволци. Беа ангажирани и беспилотни летала, со термални камери, како и хеликоптери.
Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи се сè уште на терен. Во тек е интензивна оперативна работа.
Според медиумите клучна работа во потрагата ќе биде полиграфот на таткото на девојчето, додека мајката не може да оди на полиграф оти е бремена.
Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ, изјави дека се сомнителни сите околности кои довеле до ова исчезнување, како и контрадикторните изјави на луѓето блиски до девојчето. Тој оценува дека единствена надеж што ја гледа е дека некој може да излезе со барање за откуп.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
