Камерун – Хрватска за мундијалски опстанок!
Полноќна пресметка по којашто за поразениот последниот натпревар во Групата А ќе биде за збогум, Хрватска со нерешено ќе се надева на победа од два разлика против Мексико за осминафинале, додека Камерун само со триумф може да го продолжи мундијалскиот живот.

Полноќна пресметка по којашто за поразениот последниот натпревар во Групата А ќе биде за збогум, Хрватска со нерешено ќе се надева на победа од два разлика против Мексико за осминафинале, додека Камерун само со триумф може да го продолжи мундијалскиот живот.
Во првиот меѓусебен дуел Камерун и Хрватска влегуваат со лоша статистика. Африканците имаат пет по ред порази на шампионатите, Хрватите во толку мечеви немаа победа, последен пат и двете репрезентации се радуваа на мундијалски триумф пред 12 години. Позитивните бројки за Хрватска се што нема пораз од Африканци, а негативните за Камерун што во 13 меча на првенствата против европски селекции славеше само против Романија во изградбата на патот до четвртфиналето во 1990-та.
По слабата игра во поразот од Мексико во којшто упати само еден удар кон противничкиот гол, Камерун се соочува со дополнителен проблем. Ето е повреден, до последен момент нема да се знае дали ќе настапи, иако најдобриот стрелец на четирикратниот африкански шампион најавува дека ќе игра, па макар тоа му бил последен натпревар во кариерата.
Без разлика на несреќно загубениот меч со Бразил, во Хрватска има елементи за отимизам. Покрај добрата игра на отворањето, тоа се враќањето по суспензијата на првиот напаѓач Манџукиќ, како и на опоравениот лев дефанзивец Прањиќ. Главниот креативец Модриќ се бори со болка во стапалото, но ќе игра со специјален сунѓер во копачката.
Ковач оцени дека во пеколната влажност во Манаус на Амазонија Арената тој што прв ќе постигне гол – ќе триумфира, дека нема да биде крај на светот ако не ја мине групата, но дека Хрватска сигурно ќе победи. Ето пак, потсетува, еднаш лав – секогаш лав. А, особено опасен е ранетиот лав.
