Партии

ВМРО-ДПМНЕ ја официјализираше предизборната коалиција

29.03.2024 16:37

Неколку дена пред истекот на рокот за пријавување на кандидатските листи до ДИК финализираат договорите кој со кого ќе биде во коалиција и со кои фаворити ќе трча на претстојните избори. Како најширока коалиција влегува ВМРО-ДПМНЕ. Со 25 субјекти обединета во „Твоја Македонија“. Лидерот Мицкоски со апел излезноста е клучот. СДСМ ги потпиша коалициските договори, велат со јасен план за европски стандард и просперитет. Албанскиот блок сè уште некомплетиран во листите и со енигма ќе добијат ли помалите партнери место во нив.

ВМРО-ДПМНЕ обедини 24 партии во предизборната коалиција „Твоја Македонија“. И се приклучија и доскорешните партнери на власта. „Обнова за Македонија“ на Љубе Бошковски, „Достоинство“ на Стојанче Ангелов и Демократски сојуз на Павле Трајанов. „Застануваме зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија. Ќе се водиме од принципите на транспарентност и отчетност“, порача Мицкоски кој повика на масовна излезност на претстојните избори.

Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ. Вака социјалдемократите го коментираа составот на кандидатските листи на нивниот опонент.

Али Ахмети ја проширува коалицијата. Кон Европскиот фронт на интегративците се приклучи и Македонско турското движење за правда и демократија. Новина на овие избори е што ДУИ, ќе учествува и во трета изборната единица каде очекува да се добие уште еден пратеник.

Опозициската коалиција „ВРЕДИ“ со обвинувања до ДУИ дека планира сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори за како што велат да избегнат чесно признавање на извесниот пораз.

Кандидатските листи треба да се достават најдоцна до полноќ на 2-ри април. Два дена подоцна стартува кампањата за претседателските избори.

 

 

Викторија Милевска