Домашен притвор за двајца осомничени за убиството на лекарот
Во куќен притвор двајца од приведените осомничено во врска со убиството на лекарот Трпкоски. Се чекаат ДНК анализите – клучни во истрагата...

Двајца од тројцата приведени на распит за убиството на матичниот лекар од скопска Железарница, добија домашен притвор. Ваквото барање од Обвинителството било упатено бидејќи сè уште се обезбедуваат докази.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд - Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани за убиството на лекар во скопската населба Железарница. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Од Кривичен суд објаснуваат дека предлогот на Основното јавно обвинителство- Скопје за определување мерка краткотраен куќен притвор против Г.Д. и И.Д. за кои постои сомнение за кривичното дело- убиство од чл. 123 ст. 1 се прифаќа и им се определува 48 часовен куќен притвор.
Кој и зошто пред една недела го уби лекарот сè уште се утврдува. Инспекторите прегледале повеќе од 50 снимки од камери, вклучувајќи ги и оние од Безбеден град. Службените разговори се извршени со повеќе од 15 лица, колеги од Поликлиниката и соработници, но и приватни контакти на лекарот. Докторот беше пронајден мртов во својот автомобил со убодни рани во телото.
Наташа Јанчиќ-Менковски
