Нема докази дека приведените за убиството на лекарот се сторителите, велат од Обвинителството
Убиството на матичниот лекар сè уште не е расветлено – истражните органи немаат доволно докази за приведените дека се сторители...

Засега нема докази дека лицата кои беа лишени од слобода го извршиле убиството на докторот и затоа по истекот на веќе определената мерка куќен притвор, Јавното обвинителство нема да предлага нови мерки за претпазливост. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по преземените дејствија од нивна страна и вештачењата од Институтот за судска медицина, не се обезбедени докази дека овие лица се сторители на кривичното дело. Министерството во координација со Обвинителството, ќе продолжи со дејствија за идентификација на сторителите. Претходно, двајца од тројцата приведени на распит, добија домашен притвор, на барање на обвинителството кое во тој момент сè уште обезбедуваше докази.
Од Кривичен суд тогаш објаснија дека, предлогот на Основното јавно обвинителство-Скопје за определување мерка краткотраен куќен притвор против Г.Д. и И.Д. За кои постои сомнение за кривичното дело-убиство од чл. 123 ст. 1 се прифаќа и им се определува 48 часовен куќен притвор.
Извршителот и мотивите за убиството засега остануваат непознати. Од Министерството за внатрешни работи прегледани се 50 тина снимки од камери, вклучувајќи ги и оние од Безбеден град. Извршени се и службени разговори со 15 тина лица, колеги, соработници и приватни контакти на убиениот доктор. Докторот беше пронајден мртов во својот автомобил со убодни рани во телото.
Марија Котовска
