Мундофорија: Светското носи добра заработувачка

18.06.2014 16:25

Обложувалниците се надеваат на изненадувања, а угостителите на нерешен резултат. За нив би било најдобро, ако на натпреварите по групната фаза, се играат и продолженија. Повеќе фудбал, повеќе испиени пива...

Мундијалот во Бразил е во полн ек, а натпреварите од групната фаза ги донесоа и првите неочекувани резултати. Ретко кој типуваше декаКостарика ќе го победи Уругвај или, пак, дека Холандија немилосрдно ќе ја торпедира Шпанија. Љубителите на спортското типување не ги сакаат изненадувањата, но затоа во нив се крстат спортските обложувалници.

„За разлика од лани, кога немаше Светско првенство, заработката е многу повисока и тоа е нормално. Бројот на играчи во овој период е зголемен, а тие во живо можат да се обложуваат за сè што ќе се случи во текот на тие 90 минути, да типуваат на корнери, картони, голови и слично“, изјави Филип Филиповски, претседател на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ).

Обложувалниците се надеваат на изненадувања, а угостителите на нерешен резултат. За нив би било најдобро, ако на натпреварите по групната фаза, се играат и продолженија. Повеќе фудбал, повеќе испиени пива.

„Точеното пиво го ставивме на промоција, а имаме и наградна игра. За секој точно погоден резултат, се добива гратис тура“, вели Мартин Стефановски, угостител од Скопје.

Заработка од Светското првенство имаат и продавниците за бела техника. Се бараат телевизори со одлични перформанси.

„Раст на продажбата бележиме уште пред да почне Светското првенство. Продажбата е двојно зголемена, но не излегуваме со финална бројка, бидејќи првенството се уште е во тек, па математиките ќе ги правиме на крај“, изјави Марија Ристовска, маркетинг – менаџер во малопродажен синџир за бела техника.

Во светски рамки, за време на  Мундијалот добро заработува и авиоиндустријата, но и големите компании за спортска облека, имајќи предвид дека битката на теренот ја водат не само фудбалерите, туку и спонзорите. Сепак, на крај се чини дека кајмакот ќе го собере ФИФА.

Во Бразил се игра за слава, ама се игра и за пари. Шампионот ќе добие рекордна премија, пет милиони долари повеќе од Шпанија, која пред четири години го освои турнирот. Во апсолутни бројки, оној што на 13 јули ќе го подигне пехарот, ќе инкасира 35 милиони долари.

 

Мартин Пушевски