Здравство

Зголемен број хоспитализирани деца во Куманово

30.03.2024 10:09

Сезонски вирус, алергии но и „големата кашлица“, го наполнија детското одделение во кумановската болница. На одделението дневно поминуваат и по 50-ина дечиња. Значаен е и бројот на заболени од пертусис...

Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение во кумановската болница. Од здравствената установа информираат дека најголем дел од дечињата се заболени од вируси, некои имаат алергиски реакции, но досега регистрирале и над триесетина случаи со „голема кашлица“. Болнички се лекуваат дваесет деца. Дневно на одделението има и по 50-тина деца од новороденчиња до десет години. Оние со потешка клиничка слика се хоспитализирани.

На дневно ниво на детското одделение се регистрираат од еден до два случаи на заболени од пертусис.

Симптомите се зголемена телесна температура, кашлица која прогресира.

„Последно време имаме дечиња заболени од пертусис. Најголем процент се деца на училишна и предучилишна возраст, но и новороденчиња кои поради возраста не можат целосно да бидат вакцинирани, ниту со прва, ниту со втора доза“, изјави началничката на детското одделение, д-р Ферихан Бајрами.

Лекарите советуваат родителите доколку забележат покачена температура и кашлица, да извршат испитувања и ПЦР метода за пертусис. Детето да се изолира и да се почне со соодветна терапија. И алергиските реакции предизвикуваат проблеми кај децата. Симптомите се кивање, кашлица, затнат нос. Педијатрите препорачуваат здрава, балансирана исхрана и витамини.

 

Елена Георгиевска