ИЗРАЕЛ

Нетанјаху одобри нови преговори за прекин на огнот во Газа

30.03.2024 12:02

Нетанјаху најави враќање на преговарачката маса за прекин на огнот со Хамас. Израелската војска со нови напади врз Сирија и Либан, ликвидиран заменик-командант на ракетните единици на Хезболах. Се напаѓаат и цели во Појасот Газа. Хуманитарните агенции апелираат за ублажување на последиците од војната и непречена достава на хуманитарна помош.

Нови израелски напади врз Либан и Сирија. Тел Авив тврди дека е ликвидиран заменик-командант на ракетните единици на Хезболах, одговорен за напади врз израелски цивили. Израелската војска соопшти дека продолжува да дејствува и да напаѓа цели во Појасот Газа. Министерот за одбрана на Израел вели дека земјата се брани од Хезболах.

„Каде и да дејствува Хезболах, ние ќе ги достигнеме. Тие имаат над 320 убиени терористи, вклучувајќи ги и оние кои припаѓаат на палестинската група и Амал, шиитска либанска терористичка група. Ќе бараме висока цена за секоја акција што ќе произлезе од Либан“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Во меѓувреме, премиерот Нетанјаху рече дека ќе се врати на преговарачката маса за прекин на огнот со Хамас. Соопштението од петокот означува уште еден обид да се постигне договор со милитантната група, која би ја прекинала израелската воена офанзива во Газа во замена за ослободување на заложниците. Хуманитарните агенции апелираат за ублажување на последиците од војна, непречена достава на хуманитарна помош, како и безбедни медицински трансфери на деца и пациенти на кои им е потребна итна нега.

„Испративме неколку апели до меѓународната заедница, Светската здравствена организација, здруженијата за човекови права и детски права, во врска со болничките случаи, како неухранетост и случаи на дехидрација. Имаме деца чија ситуација беше многу критична и за жал имаме недостиг од храна и услуги што можеме да ги понудиме“, изјави Д-р Хосам Абу Сафија, директор на болница во Газа.

„Пристигнавме со еден од нашите итни медицински тимови, специјализирани за предболничка нега и упатна медицина. Целта е безбедно упатување на две деца во Јужна Газа, а потоа во трета земја за понатамошна специјализирана нега“, изјави Лука Пигоци, координатор на тимот за итна медицинска помош СЗО.

И покрај американската загриженост за планираната израелска копнена офанзива на Рафах, Вашингтон продолжува да го поддржува Израел со воена помош вредна милијарди долари, пишува Вашингтон пост. Американскиот весник, повикувајќи се на анонимни претставници на Пентагон и Стејт департментот, пишува дека владата на претседателот Џо Бајден одобрила бомби и борбени авиони за Израел.

 

Маријана Димовска