Кремљ: Русија нема намера да учествува на мировната конференција во Швајцарија
Одложувањето на американскиот Конгрес во одобрувањето на пакетот воена помош од 60 милијарди долари, Украина ја чини многу скапо, вели Зеленски во интервју за „Вашингтон пост“.. Додека се подготвува мировна конференција за Украина во Швајцарија, Кремљ дециден дека Русија нема намера да учествува во такви преговори...

Остра критика до американскиот Конгрес, упати претседателот Зеленски во интервјуто за „Вашингтон пост“. Зборувајќи, забарикадиран со вреќи песок, во силно обезбедуваниот претседателски комплекс, повикува „дајте ни го оружјето да можеме да ги запреме руските напади“. Зеленски во интервјуто, вели, одложувањето на Конгресот во одобрувањето на пакетот воена помош од 60 милијарди долари, Украина ја чини многу скапо. А, во обраќањето до нацијата, информира дека се прават силни дипломатски напори за убедување на сојузниците да го зголемат снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана.
Главната цел на непријателот е нашата енергетска инфраструктура, различни делови од нашиот енергетски систем. Намерните руски удари се упатени особено кон хидроелектричната енергија.
Додека се подготвува мировна конференција за Украина во Швајцарија, Кремљ дециден дека Русија нема намера да учествува во такви преговори. Портпаролката Захарова по интервјуто на украинскиот претседател, прокоментира дека Зеленски покажал нервоза.
„Русија нема намера да учествува на таква конференција. Формулата на Зеленски, не е ништо друго освен алхемија“, вели Марија Захарова, портпаролка на Кремљ
Рускиот претседател Путин не сака да преговара, оценка и на германската министерка за надворешни, Бербок. Додаде дека очекува натамошна ескалација на војната во Украина. Бербок предупредува, доколку Русија ја победи Украина ќе биде загрозена безбедноста на Европа и на меѓународниот поредок.
„Путин повеќе од јасно, дава до знаење дека е надвор од дофатот на рационалните аргументи и вредности на човештвото. И тој сигурно не сака да преговара“, изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.
На фронтот борбите се интензивираат. Русија со нови напади на енергетската инфраструктура во јужните и југоисточните региони на Украина. Противвоздушната одбрана на Киев соборила десетици руски беспилотни летала над Керсон, Дњепо-Петровск и Полтава. Во руските напади врз Одеса има загинати и ранети.
Маја Стојанова
