Србија

Во Србија петти ден се трага по исчезнатата двегодишна Данка Илиќ

30.03.2024 17:07

И денес, петти ден, продолжува потрагата по исчезнатото девојче од Бор, со хеликоптери над местото на исчезнување...

Петти ден како трае потрагата по исчезнатото двегодишно девојче од Бањско поле крај Бор, засега без резултати и без откриен траг од девојчето.

Денес потрагата се одвива со помош на полициски хеликоптери над местото на исчезнување на двегодишното девојче.

Припадниците на полицијата вчера отишле со мајката на малата Данка на местото на исчезнување, за да им го покажат секој чекор и детал од денот кога исчезнала. Направена е реконструкција на нивното движење, и заедно со полицијата се проверуваат сите информации и наоди, а се разгледува и можноста за пребарување на блиското Борско езеро.

Спасувачките екипи во текот на вчерашниот ден го пребаруваа просторот околу куќата, тунели, шуми, шахтите, каналите во овој рударски град.

Полицијата сè уште не излегла со информации дали се работи за несреќен случај или кривично дело.

Вчера полицаец од полициската управа Бор е приведен поради откривање информации од истрагата за исчезнувањето на девојчето. Не се знае за какви информации станува збор и кому полицаецот ги дал, но се работи за информации од истрагата кои евентуално би можеле да ја загрозат истата.

Во петокот машини го расчистуваа просторот околу куќата, а мајката во повеќе наврата беше во полициска станица, за да и помогне на полицијата поради повеќе различни дојави. Таткото на девојчето го помина полиграфскиот тест, а на вештачење се сè уште мобилните апарати и на двајцата родители.

Србија и петти ден сè уште е во исчекување на потрагата и истрагата на двегодишната Данка Илиќ.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ