Израел

Нови преговори во Каиро за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

31.03.2024 12:50

Нови преговори во Каиро за прекин на огнот во Газа. Посредниците алармираат за хуманитарната катастрофа во енклавата додека продолжуваат борбите со Хамас и Хезболах. Притисокот врз Нетанјаху расте на улиците во Тел Авив. По речиси шест месеци војна, семејствата на заложниците се приклучуваат на антивладините протести...

Нови преговори во Каиро за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и договор за враќање на заложниците. Посредниците претходно предупредија за хуманитарната катастрофа и ризик од проширената офанзива во Рафах.

„Хуманитарната ситуација е трагична. На два и пол милиони луѓе им недостига сè. Над еден милион се во опасност од масовна депортација, доколку се случи операцијата во Рафах. Франција силно и официјално се противи на тоа“, изјави Стефан Сежурн, министер за надворешни работи на Франција.

„Она што го спречува обезбедувањето помош на палестинскиот народ во газа е политичка одлука на Израел да го користи гладот како оружје. Бараме санкции доколку израелската влада продолжи да му пркоси на светот и на меѓународното право“, изјави Ајман Сафади, министер за надворешни работи на Јордан.

Тел Авив пак, обвини дека хуманитарните агенции се виновни за задржувањето на помошта. Поморски конвој храна се очекува деновиве да пристигне во Газа, додека борбите се разгоруваат. Размена на оган и со Хезболах. Ранети се тројца мировници при гранатирање на јужен Либан. Предупредуваат од ширење на конфликтот.

„Ескалацијата може да отвори поширок конфликт, не само меѓу Либан и Израел, туку регионален конфликт. Тоа никој не го сака, затоа е важно огнот да прекине и да се размислува за политичко и дипломатско решение“, изјави Андреа Тененти, портпарол на привремените сили на ООН во Либан.

Во истовреме, по речиси шест месеци војна, семејствата и роднините со последен собир на плоштадот на заложниците во Тел Авив најавија протести на улиците.

„Дајте му широк мандат на преговарачкиот тим и кажете им да не доаѓаат дома без договор. Вратете ги нашите најблиски“, порача Раз Бен Ами, сопруга на заложник.

„Веќе не се состануваме овде. Сите ќе бидеме на улиците, низ целиот Израел. Овој момент ги исклучуваме светлата и кажуваме на сите – се гледаме на улиците“, вели Ели Елбаг, татко на заложничка.

Антивладините протести пак, повторно завршија со солзавец и водени топови. Израелската полиција уапси десетици лица.

 

Бојана Крстевски