Судство

Бројот на судии од година в година се намалува

31.03.2024 15:22

Бројот на судии постојано се намалува. Пензионирањето на 18 судии годинава ја усложнува состојбата па така што ни 55 кандидати од осум генерација од Академијата нема да се доволни...

Кадровски полупразни судови треба да им ја донесат правдата на граѓаните, кои за пресуда чекаат од 20 дена до 7 месеци или во просек 75 дена. Претседателката на Судски совет, Дамева, за МТВ го образложи својот личен став во однос на проблемите. Смета дека сето ова е резултат на тоа што било занемарено со години. Пензионирањето на 18 судии годинава ја усложнува состојбата па така што ни 55 кандидати од осум генерација од Академијата нема да се доволни.

Според Дамева, судиите вложуваат натчовечки напори, но сепак се одразува на времетраењето на постапките. За жал, Судскиот совет нема надлежност да ги промени законските услови за избор и унапредување, па се менаџира со постојните кадри.

„Останува на извршната власт како предлагач на законите и на законодавната власт во наредниот период да изнајдат законски начини и механизми за надминување на настанатата состојба. Судскиот совет има извршено анализи за состојбите со мислења и предлози кои би требало да помогнат во изнаоѓање на законско решение. Граѓаните заслужуваат брза и ефикасна правда, а институциите на државата се должни тоа да го обезбедат“, вели Дамева.

Препораките од европските експерти се дека во судството треба да се прават искрени реформи пред сè за граѓаните на земјава, а не само за Европската унија.

Процесот на реформи треба да се искористи да се направи правосудството пофункционално, независно и непристрасно порача Кристиан Туркаљ, хрватски правен експерт за Западен Балкан кој учествуваше на сесијата на работна група правда, слобода и безбедност, на Националната конвенција за Европска унија во Северна Македонија.

 

Фиљана Кока