Србија

Двегодишната Данка била видена во Виена, српските медиуми објавија снимка

31.03.2024 17:52

Нови моменти во потрагата по малата Данка, во медиумите се појави видео снимено со неа во Виена. Имаме нова трага за исчезнатото девојче, изјави српскиот претседател Вучиќ...

Шести ден од потрагата по малечката Данка Илич од Бор, во кој се појавија нови моменти од истрагата.

МВР на Србија работи на расветлување на околностите поврзани со видеото кое се појави од Виена, кое како што беше речено, е една од многуте траги на кои работат властите.

Како што објавија некои медиуми, новата трага во истрагата за исчезнатата Данка Илиќ се појавила утринава, кога полицијата добила информација дека девојчето е видена во Виена во придружба на две романски државјани.

Се огласи и мајката на двегодишното девојче која изјави дека „нема видено никаква снимка, оти не гледала социјални мрежи“.

И самиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ја добил оваа информација, изразувајќи надеж дека случајот брзо ќе се расветли.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата која работи деноноќно. Кога се појави нова трага во три и пол како синоќа, ме известија и мене. До пет и пол секој беше на своето место. Секоја чест за нивната посветеност, колку луѓе се борат за прекрасен живот. Секој божествен ден. Се надевам дека ќе успеат да го расветлат и тој случај“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Полицијата работи со сите достапни информации, особено на трагата дека малечката Данка можеби веќе е во некоја од земјите на ЕУ, поради што се проверуваат најблиските гранични премини со Романија и Бугарија.

Јавноста сè уште чека прецизни информации, а се верува дека одреден одговор ќе даде и нарачаното вештачење на телефонот на мајката на Данка и избришаните пораки.

Полицијата врши увид и во неколку нејзини профила на социјалните мрежи.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник за МТВ од Белград