Десетици илјади Израелци на демонстрации против Нетанјаху
Пред парламентот во Ерусалим десетици илјади демонстранти во неделата бараа одржување нови избори и итен договор за ослободување на заложниците од рацете на исламистичката терористичка организација Хамас. Израелскиот премиер изјави дека распишувањето избори во овој момент само ќе му користи на Хамас...

Вчера во Ерусалим почнаа антивладини протести и како што е најавено ќе траат четири дена. Демонстрантите поставија шатори и ја поминаа ноќта пред Кнесетот. Бараат оставка од Нетанјаху и распишување избори. Опозицијата тврди дека протестите се единствениот спас за Израел.
„Ќе го блокираме Кнесетот, израелскиот парламент. На 7-ми октомври толку многу луѓе загинаа и не можеа да ни помогнат, а од 8-ми октомври и натаму не запоставуваат. Донесоа безобразен буџет кој нема врска со тоа што сè уште сме на војна и има толку многу луѓе кои сè уште се раселени“, вели демонстрант.
„Овој митинг покажува дека израелската јавност се разбуди. Шест месеци по масакрот на 7-ми октомври јасно е дека за да победиме, за да ги вратиме заложниците, ни треба ново раководство. Не може да дозволиме продолжување на владата на Нетанјаху и нејзината коалиција. Треба да одиме на нови избори“, изјави Гилад Карив, пратеник во Кнесетот на Лабуристичката партија.
Израелскиот премиер изјави дека распишувањето избори во овој момент само ќе му користи на Хамас. Во телевизиски говор вчера, пред да оди на операција на кила, рече дека ја разбира болката на семејствата на заложниците и дека прави се за да ги врати дома.
„Повиците за избори сега, среде војна, непосредно пред победата, ќе го парализираат Израел најмалку шест месеци, осум месеци според мојата проценка. Ќе ги парализираат преговорите за ослободување на нашите заложници. Војната ќе заврши пред завршувањето на нејзините цели, а првиот што ќе ја биде задоволен, тоа e Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон и Тел Авив денеска на виртуелен состанок разговараат за плановите на израелските сили за офанзивата во Рафах. Израелската одбрана е подготвена за операција во градот долж границата со Египет. Израелските сили тврдат дека евакуираат цивили од зоната на операцијата и најавуваат пресметка со бригадите на Хамас. Меѓународната заедница, вклучително и САД, бара Израел да најде алтернативи за планираната копнена операција во Газа, стравувајќи од уште поголема хуманитарна катастрофа.
Маријана Димовска
