Илјадници луѓе излегоа на улиците во Израел на антивладини протести
Илјадници луѓе излегоа на улиците во Израел на антивладини протести. Бараат избори и ослободување на сите заложници што ги држи Хамас. Според израелскиот премиер Нетанјаху, распишувањето избори во овој момент само ќе и користи на милитантната група. Вашингтон и Тел Авив на виртуелен состанок за плановите на израелските сили за офанзивата во Рафах.

Антивладини протести во Израел. Предвидено е да траат четири дена. Десетици илјади луѓе бараат одржување нови избори и итен договор за ослободување на заложниците од рацете на Хамас. Демонстрантите синоќа поставија шатори пред Кнесетот.
„Ќе го блокираме Кнесетот, израелскиот парламент. На 7-ми октомври толку многу луѓе загинаа и не можеа да ни помогнат, а од 8-ми октомври и натаму не запоставуваат. Донесоа безобразен буџет кој нема врска со тоа што сè уште сме на војна и има толку многу луѓе кои сè уште се раселени“, изјави демонстрант.
„Овој митинг покажува дека израелската јавност се разбуди. Шест месеци по масакрот на 7 октомври јасно е дека за да победиме, за да ги вратиме заложниците, ни треба ново раководство. Не може да дозволиме продолжување на владата на Нетанјаху и нејзината коалиција. Треба да одиме на нови избори“, изјави Гилад Карив, пратеник во Кнесетот на Лабуристичката партија.
Нетанјаху ги отфрли обвинувањата на сметка на неговата преговарачка политика и барањата за одржување нови избори. Според него, распишувањето избори во овој момент само ќе му користи на Хамас. Израелскиот премиер, во телевизиски говор синоќа, пред да оди на операција на кила, рече дека ја разбира болката на семејствата на заложниците и дека прави се за да ги врати дома.
„Повиците за избори сега, среде војна, непосредно пред победата, ќе го парализираат Израел најмалку шест месеци, односно осум месеци според мојата процена. Ќе ги парализираат преговорите за ослободување на нашите заложници. Војната ќе заврши пред завршувањето на нејзините цели – а првиот што ќе биде задоволен, тоа e Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Преговорите за прекин на огнот продолжуваат во Каиро, а Вашингтон и Тел Авив на виртуелен состанок ги продолжуваат дискусиите за одвраќање од офанзива во Рафах. Од израелската одбрана велат дека се подготвени за операција во Рафах и пресметка со бригадите на Хамас. Меѓународната заедница, вклучително и САД, бара Израел да најде алтернативи за планираната копнена операција во Газа, стравувајќи од уште поголема хуманитарна катастрофа. Во меѓувреме, Хамас првпат од почетокот на војната му се извини на населението на Газа за страдањата.
Маријана Димовска
