Опозицијата во Турција победи на локалните избори во Истанбул и Анкара, Ердоган го призна поразот
Историска победа на опозицијата во Турција. На локалните избори партијата на Ердоган загуби во сите поголеми градови. Паднаа и Истанбул и Анкара. Ердоган го призна изборниот неуспех...

По локалните избори, Турција се разбуди со нов политички колаж. По две децении доминација на политичката сцена, владејачката партија на правдата и развојот на претседателот Ердоган, претрпе тежок пораз на изборите. Опозициската републиканска народна партија успеа да ја задржи контролата врз клучните градови, остварувајќи значителна придобивка и во други места. Со преброени над 90 насто од гласовите, актуелниот градоначалник Имамоглу води со огромна разлика во Истанбул, најголемиот економски центар во Турција.
„Денес ја отворивте вратата за нова иднина. Отсега Турција ќе биде поинаква земја. Дадовте можност да го направите првиот чекор кон Турција каде што напредуваат демократијата, слободата, еднаквоста, рационалноста, науката, љубовта и солидарноста“, изјави Екрем Имамоглу – градоначалник на Истанбул.
И Манус Јавас, градоначалникот на главниот град Анкара, ја задржа својата функција. На национално ниво опозицијата освои 37 насто од гласовите, наспроти 36-те проценти за владејачката партија, што означува најголема победа на опозицијата, откако Ердоган дојде на власт. Ердоган, кој во предизборието жестоко се бореше да ја преземе контролата врз урбаните области, не ја криеше разочараноста, но поразот го призна.
„Со отворено срце ќе ги оценуваме резултатите во органите на нашата партија и храбро ќе ја упатиме нашата самокритика. Иако пребројувањето на гласовите сè уште не е финално, досега резултатите покажуваат дека се соочуваме со огромна загуба во локалните самоуправи. Секако, ќе разговараме и за причините на овој пад“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.
Турските граѓани со поделени мислења по изборните резултати. Едните задоволни, другите разочарани.
„Да бидам искрена, се разбудивме во добро расположение. Верувам дека ова ќе биде корисно за нашата земја. Сигурна сум дека ќе се направи се нашата среќа, нашиот мир“, изјави Ајше Поплата – поддржувач на опозицијата.
„Гласав за владејачката партија, но победи другата страна. Не можеме ништо да направиме со тоа, но нека биде добро за земјата“.
Локалните избори беа барометар за популарноста на претседателот Ердоган и неговата партија за парадата и развојот. Откако опозицијата ја уништи аурата на непобедливост на Ердоган со освојување на големите градови во 2019-та, на овие избори таа ја зацрвсти својата позиција.
Маја Стојанова
