Здравство

Образованите кадри заминуваат од земјата, одлив на стручен кадар и во Фармацијата

01.04.2024 13:08

Како и во другите сектори, така и во Фармацијата, сè почесто образовани кадри решаваат да заминат надвор од нашата земја. Одливот на стручен кадар и во оваа гранка стана сериозен проблем...

Аптеките остануваат без кадар. За пет години повеќе од 100 фармацевти со лиценца ја напуштиле државата и заминале да работат за подобра плата во европските земји. Од Комората велат, бројката е многу поголема – фармацевтите прво заминуваат, а по извесно време откако ќе им бидат признаени дипломата и лиценцата се враќаат за да земат потврда за работа во странство од Комората. Најголемиот одлив на овој кадар е во Германија, каде месечната платата на фармацевтот стигнува и до три илјади евра.

„Одливот на кадарот, со оглед на тоа што станува збор за високо квалификуван кадар целосно стручно подготвен за вклучување во домашниот здравствен систем, претставува сериозен проблем од причина што согласно со Законот за лекови и медицински средства за да може да работи аптеката е потребно најмалку еден фармацевт во секоја смена. Недостигот од фармацевти како проблем се јавува и во градовите, а особено е загрозено снабдувањето со лекови на населението во руралните средини“, велат од Фармацевтската комора за МТВ.

Проблемот со недостигот од фармацевти го потврдуваат и од Здружението на приватни аптеки. Предлагаат поголема вклученост на овој кадар во лекувањето на пациентите. Улогата на фармацевтот не е само да издава лекови, туку може да учествува и во менаџирањето на терапијата.

„Потребно е да имаме каде да го евидентираме тоа како забелешка дека пациентот има одредени несакани ефекти или сомнеж од некои интеракции бидејќи свесни сме за полифармацијата. Во денешно време пациентите не само што земаат терапија, или не ја земаат правилно терапијата од лекарите туку многу често и се самолекуваат“, изјави Билјана Божиновска – фармацевт.

Во земјава има околу 3.500 фармацевти со лиценца за работа. Дел од нив работат во аптеките, дел во фабрики.

 

Андријана Ѓурческа