Нетанјаху: Распишувањето избори ќе му користи на Хамас
Илјадници луѓе излегоа на улиците во Израел на антивладини протести. Бараат избори и ослободување на сите заложници. Според израелскиот премиер Нетанјаху, распишувањето избори во овој момент само ќе му користи на Хамас. Израелската војска по двонеделна операција се повлече од болницата „Ал Шифа“, продолжуваат нападите и врз цели на Хезболах во Либан…

Антивладини протести во Израел. Предвидено е да траат четири дена. Десетици илјади луѓе бараат одржување нови избори и итен договор за ослободување на заложниците од рацете на Хамас. Демонстрантите синоќа поставија шатори пред Кнесетот.
„Не можеме да замислиме премиерот Нетанјаху да не биде сменет. Тој нè води во бездна. Ние сме осудени на пропаст ако тој не се смени.“
„Пристојно барам господинот Нетанјаху да си замине. Веќе немаме трпение“-велат демонстрантите.
„Јас сум за сеопфатен договор кој ќе ги ослободи сите, договор во фази. Среќна сум за оние кои беа ослободени, но срцето ми е скршено што нашата ќерка беше убиена и нејзиното тело беше киднапирано во Газа, а ние не можеме да ја донесеме да биде погребана во Израел“, изјави тетка на израелска заложничка.
Нетанјаху ги отфрли обвинувањата на сметка на неговата преговарачка политика и барањата за одржување нови избори. Според него, распишувањето избори во овој момент само ќе му користи на Хамас. Израелскиот премиер, во телевизиски говор синоќа, пред да оди на операција на кила, рече дека ја разбира болката на семејствата на заложниците и дека прави се за да ги врати дома.
„Повиците за избори сега, среде војна, непосредно пред победата, ќе го парализираат Израел најмалку шест месеци, односно осум месеци според мојата процена. Ќе ги парализираат преговорите за ослободување на нашите заложници. Војната ќе заврши пред завршувањето на нејзините цели – а првиот што ќе биде задоволен, тоа e Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
По двонеделна воена операција, израелските сили се повлекле од болницата „Ал Шифа“ во Појасот Газа, пренесуваат светските агенции. Израелската армија соопшти дека борбени авиони нападнале околу 10 цели на Хезболах во јужен Либан. Преговорите за прекин на огнот продолжуваат во Каиро, а Вашингтон и Тел Авив на виртуелен состанок ги продолжуваат дискусиите за одвраќање од офанзива во Рафах.
Меѓународната заедница, вклучително и САД, бара Израел да најде алтернативи за планираната копнена операција во Газа, стравувајќи од уште поголема хуманитарна катастрофа. Во меѓувреме, Хамас првпат од почетокот на војната му се извини на населението на Газа за страдањата.
Маријана Димовска
