мвр

Бојмацалиев на терен на ГП Делчево

01.04.2024 14:53

Бојмацалиев рече дека државната граница е безбедна и со дигитална опрема која вклучува специјални возила за надзор, како и уреди и камери за дневно и ноќно снимање, при што безбедноста е гарантирана...

Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на БЈБ Сашо Тасевски беше на терен на македонско-бугарската граница, при што оствари работна средба со раководствата на Регионалниот центар за гранични работи ИСТОК и Полициска станица за граничен премин и граничен надзор „Делчево“ на која беше брифиран за активностите на Регионалниот Центар за Гранични работи – „Исток“ за Првото тримесечје од 2024 година.

„Бев информиран дека имаме зголемување на протокот на патници за 11%. Притоа, имаме и намалување на криминалитетот на државна граница за 25%, намалување на бројот на откриените фалсификувани Патни исправи и други документи за 15,38%, што се должи на опремата за детектирање на лажни или фалсификувани исправи. Понатаму, имаме намалување на илегалните минувања на Државна граница (лица) за 24,32%. Исто така, имаме зголемување на бројот на настани по оперативна активност Гора за 100%, и зголемување на количината на запленети дрва за 41,4%”, истакна Бојмацалиев во изјава за медиумите.

Бојмацалиев рече дека државната граница е безбедна и со дигитална опрема која вклучува специјални возила за надзор, како и уреди и камери за дневно и ноќно снимање, при што безбедноста е гарантирана.

На Богородица имаме и стационарен центар за надзор на Вршник Бара опремен со радар, термална и дневна камера со долг домет од 10 км“, рече Бојмацалиев.

Бојмацалиев додаде и дека се очекува и пристигнување на 8 дрона за надзор со што сериозно ќе се унапреди граничната безбедност.