Македонија

Дозволен условен отпуст за Мијалков

01.04.2024 14:57

Одлуката ја соопшти Основниот кривичен суд, откако Апелацискиот суд – Скопје донесе решение со кое го уважи предлогот на директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура за условен отпуст за затвореникот.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков ќе биде на слобода од декември годинава. Одлуката ја соопшти Основниот кривичен суд, откако Апелацискиот суд – Скопје донесе решение со кое го уважи предлогот на директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура за условен отпуст за затвореникот.

„Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга за условен отпуст на осудениот С.М., по одржана јавна седница, прибавена и разгледана целосна документација согласно напатствијата на Апелацискиот суд Скопје, донесе решение со кое го Уважи предлогот на Директорот на казнено поправната установа. Согласно решението, осудениот се отпушта од КПД Струга на 25.12.2024 година, а условниот отпуст му се смета до 25.04.2025 година“, се вели во соопштението од Кривичниот суд – Скопје.

Сашо Мијалков се спогоди со Обвинителството и за случајот Империја доби 3 годишна затворска казна за перење пари. Неодамна, како дел од спогодбата за предметот „Империја“ му беше одземен имот вреден околу 30 милиони евра.