Собранието ќе гласа за новиот состав на Владата
Се очекува актуелниот премиер пред пратениците да ја образложи владината платформа, а програмата за работа е веќе доставена во Собранието...

Собранието на Република Македонија точно напладне ќе ја почне седницата на која ќе го разгледува предложениот состав на новата влада што го достави мандатарот Никола Груевски. Се очекува актуелниот премиер пред пратениците да ја образложи владината платформа, а програмата за работа е веќе доставена во Собранието.
Мандатарот Груевски за министер за одбрана го предлага досегашниот амбасадор во САД, Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири.
Ресорот за земјоделство, шумарство и водостопанство би го водел Михаил Цветков, а со министерството за здравство Никола Тодоров. Досегашниот министер за екологија Абдилаќим Адеми заминува во ресорот за образование и наука, а во труд и социјална политика останува да раководи Диме Спасов. Ново име е Љирим Шабани кој ќе го превземе министерството за локална самоуправа.
Во ресорот за култура без промени, и во следните 4 години ќе раководи Елизабета Канческа-Милевска. Иво Ивановски и Миле Јанакиески остануваат во министерствата за информатичко општество и администрација и во транспорт и врски, а нов министер во ресорот животна средина и просторно планирање ќе биде Нурхан Изаири.
За министри без ресор, односно вицепремиери, се предложени досегашните Владимир Пешевски, Фатмир Бесими и Муса Џафери. Зајакнат е составот на министри без ресор задолжени за привлекување странски инвестиции, на Веле Самак, Бил Павлески и Џери Наумоф, им се придружуваат Висар Фида и Горан Мицковски.
Ново име во владата е и Фуркан Чако, додека Неждет Мустафа и досега беше дел од тимот на Никола Груевски.
