Потребни се нови нискобуџетни авио-конекции од охридскиот аеродром
Согласно летниот распоред на летање од скопскиот аеродром достапни се 49 дестинации, а од охридскиот аеродром се лета само до девет европски градови. Од нив само три се со нискобуџетна компанија која оперира во земјава. Останатите се сезонски чартер летови, кои стартуваат од мај до октомври…

Со летниот распоред на летање од охридскиот аеродром достапни се девет европски градови. Само три од нив се со нискобуџетната компанија, која оперира во земјава. Евтини авиобилети има до Виена, Дортмунд и Меминген. Две компании имаат авио-конекција до Цирих, Швајцарија. Останатите се сезонски чартер летови, кои го поврзуваат Охрид со Холандија, Полска, Србија и Велика Британија.
Експертите велат потребно воведување на нови нискобуџетни авио-конекции од охридскиот аеродром.
„Не е Европа она што ја поврзува Европската унија, Виз Ер и нискобуџетните авиокомпании ја поврзаа Европа, на тој начин им се овозможува да патуваат за ниски суми со евтини билети да патуваат во различни туристички дестинации. Најдобро е скандинавските земји да ги земеме како таргетна група затоа што првично најлогично е да имаме лет. Ако вие немате конекција како ќе ги донесете тие туристички групи. Може да направите еден или два чартер летови и тоа е тоа“, вели професорката Ангела Паскуела од ФТУ Охрид.
Од Охрид до Белград ќе се лета четири пати неделно. Сезонската линија стартува на 3-ти јуни, а ќе ја има до 26-ти октомври. Потребни се и нови конекции со земјите од поранешна Југославија.
„Секако, Охрид е отворен град имаме идеални услови преку аеродромот да се поврземе и со хрватските градови. Еве со Србија го имаме Охрид-Белград со четири пати неделно. Мислам дека ќе се јави интерес и потреба од воведување на авиолинии, особено од екс-ЈУ просторите. Аеродромот треба да се валоризира во повеќе насоки. Колку и да се инвестира, сè ќе биде повратно бидејќи тие луѓе ќе бидат консументи на нашите услуги“, вели Михајло Филев, почесен конзул на Р. Србија во земјава.
Од скопскиот аеродром со летниот распоред на летање достапни се 49 дестинации.
Соња Рилковска
