Делницата Кичево-Охрид доби нов рок за изградба
Се одложи завршувањето на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Пратениците денеска дадоа зелено светло и тој се очекува да биде завршен до крајот на 2026-та година. Инфраструктурните проекти се секогаш на листата ветувања на речиси секоја политичка партија за време на изборна кампања...

Се одложи завршувањето на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. 78 пратеници на итна седница се согласија за одложувањето. Ресорниот министер, Бочварски, тврди дека преостануваат уште 16 проценти од работите кои треба да се завршат. Новиот рок е до крајот на 2026-та година.
Инфраструктурните проекти се секогаш исклучително значаен дел од речиси сите изборни програми на политичките партии во Македонија, но не секогаш се реализираат во предвидениот рок или пак, и воопшто не се реализираат.
Политичарите да не даваат нереални ветувања и да не се фокусираат на црната кампања, дел од експертите едногласни во пораките во пресрет на двојните избори во Македонија и изборните програми и ветувања. Да не се случи како во минатото, ветувањата да останат желба, а потоа од првиот ден по преземањето на власта, да се бара алиби или виновник, зошто ветувањето не може да биде реализирано, вели за Македонската телевизија комуникологот Бојан Кордалов.
Партиите да се фокусираат на визиите и правците во кои ќе го носат општеството, а не да се спуштаат на пониско ниво и да лицитираат со поголеми плати и пензии, што не претставува визионерска политика туку клиентелизам, вели за Македонската телевизија аналитичарот Албер Муслиу.
Колку од предизборните ветувања во пресрет на овие избори ќе бидат реализирани, а колку ќе останат само на хартија, ќе покаже времето и отчетот пред граѓаните.
Марија Котовска
