Промоција на сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров
Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, вечер ќе биде промовирана во Струмица ...

Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, вечер ќе биде промовирана пред книжарницата „Литература.мк“ во Струмица. Промотор на книгата, што е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а специјален гостин ќе е фолклористот Иван Котев.
Како што соопштија организаторите, со овој настан го одбележуваат Светскиот ден на книгите за деца. „Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач. Приказната во книгата е поврзана со настанување на градот Струмица, а формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски, стои во поканата за овој настан.
Фото :/ ФБ
