Блиски Исток

Ескалира состојбата на Блискиот Исток

02.04.2024 09:53

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Расте заканата на Иран кон Израел откако беше срушен иранскиот конзулат во Дамаск од израелските воздушни напади...

Во израелски воздушен напад погоден иранскиот конзулат во сириски Дамаск. Загинаа неколку лица, меѓу нив и висок командант на иранската револуционерна гарда Мохамед Реза Захеди. Сириските и иранските власти со осуда.

„Загинаа околу седум луѓе. Двајца полицајци кои ја обезбедуваа амбасадата се повредени. Сè додека не се расчисти теренот, не можам да дадам точни имиња и бројки. Ционистичкиот режим знае подобро од кој било дека таквите злосторства и кршењето на меѓународното право ќе имаат свој одговор во соодветно време“, изјави Хосеин Акбари, ирански амбасадор во Сирија.

„Најостро го осудуваме овој криминален чин извршен од ционистичкиот непријател, кој доведе до смрт невини граѓани кои минуваа по улица. Ја нагласуваме нашата позиција покрај нашите браќа и уверуваме дека Сирија и Исламската република не ги забораваат своите непријатели“, изјави Фајсал Мекдад, министер за надворешни работи на Сирија.

Тврдокорните демонстранти во Техеран повикаа на одмазда.

„Израел овојпат директно нападна, со други зборови – објави војна, нашиот одговор треба да биде јавен и јасен“, рече демонстрант.

Тел Авив, кој ретко ги признава таквите напади, рече дека нема коментар за инцидентот во Сирија. Претходно го обвини Иран за напад со дрон во јужен Израел.

„Беспилотно летало произведено и режирано од Иран погоди поморска база во Еилат. Причинета е мала штета на објектот и нема жртви“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Нападите во Појасот продолжија. Седуммина хуманитарци загинаа во воздушен напад додека доставувале храна. Меѓу нив тројца Британци, Австралиец, полски државјанин и Американец.

„Австралија очекува целосна одговорност за смртта на хуманитарните работници што е целосно неприфатливо“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.

Светската агенција за храна ги прекинува сите активности во регионот. По повлекувањето на израелските трупи од Ал Шифа, продолжија разговорите за Рафах на релација Израел-САД.

 

Бојана Крстевски