Хуманитарци загинаа во воздушен напад во Газа
Хуманитарни работници на организацијата на Светската централна кујна, загинаа во воздушен напад во Газа, додека доставувале храна од најновиот пакет помош. Меѓу нив тројца Британци, Австралиец, полски државјанин и Американец ...

Седуммина хуманитарни работници на организацијата на Светската централна кујна, загинаа во воздушен напад во Газа, додека доставувале храна од најновиот пакет помош. Меѓу нив тројца Британци, Австралиец, полски државјанин и Американец.
„Австралија очекува целосна одговорност за смртта на хуманитарните работници што е целосно неприфатливо“, изјави Ентони Албанес – премиер на Австралија.
„Загинаа додека го правеа она што со години оваа организација го прави-храни луѓе среде толку многу пустош. Се надевам и барам израелската влада што е можно поскоро да ги разјасни околностите на овој брутален напад“, изјави Педро Санчез – премиер на Шпанија.
Хуманитарците мора да бидат заштитени-посочуваат од Белата куќа. Светската агенција за храна ги суспендира сите активности во регионот. Гладта се поочигледна, а стравот сè поголем од копнената офанзива во Рафах. Разговорите продолжуваат на релација Израел-САД.
„Разговорите што ги правиме за Рафах не се однесуваат само на интересите на палестинскиот народ, туку и на долгорочната безбедност на Израел“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Иран најави остар одговор по израелскиот напад во Сирија во кој беше погоден нивниот конзулат во Дамаск. Загинаа неколку лица, меѓу нив и висок командант на револуционерната гарда.
„Ционистичкиот режим знае подобро од кој било дека таквите злосторства и кршењето на меѓународното право ќе имаат свој одговор во соодветно време“, рече Хосеин Акбари – ирански амбасадор во Сирија.
„Најостро го осудуваме овој криминален чин извршен од ционистичкиот непријател, кој доведе до смрт невини граѓани кои минуваа по улица. Уверуваме дека Сирија и исламската република не ги забораваат своите непријатели“, изјави Фајсал Мекдад – министер за надворешни работи на Сирија.
Тврдокорните демонстранти во Техеран повикаа на одмазда.
„Израел овојпат директно нападна, со други зборови – објави војна, нашиот одговор треба да биде јавен и јасен“, додаде демонстрант.
Тел Авив, кој ретко ги признава таквите напади, рече дека нема коментар за инцидентот во Сирија. Претходно го обвини Иран за напад со дрон врз поморска база во јужен Израел.
Бојана Крстевски
