Здравство

Во Куманово прогласена епидемија на голема кашлица

02.04.2024 12:11

Центарот за јавно здравје Куманово пријави епидемија на пертусис до Институтот за јавно здравје. Во оваа општина бројот на заболени се искачи на 23. Од североистокот, по еден случај е регистриран и во Липково, Кратово и Крива Паланка...

По Скопје, и во Куманово се заканува епидемија на голема кашлица. Центарот за јавно здравје Куманово пријави епидемија на пертусис до Институтот за јавно здравје. Во оваа општина бројот на заболени се искачи на 23. Од североистокот, по еден случај е регистриран и во Липково, Кратово и Крива Паланка.

Оваа недела, според извештајот на Институтот, се пријавени 64 нови случаи на заболени од голема кашлица, што е за 11 отсто помалку во споредба со заболените од минатата недела. Најмногу од пријавените случаи има во Скопје и во Куманово.

Според вакциналниот статус, 19 од нив биле целосно вакцинирани, а останатите не, се вели во извештајот на Институт за јавно здравје. Најмногу од заразените се на возраст од 10 до 14 години.

Од Комисијата за заразни болести велат дека состојбата и понатаму е сериозна и оваа епидемија може подолго да трае, бидејќи имунизацијата против пертусис е со три дози вакцина и една ревакцина, и треба подолго време за создавање колективен имунитет.

 

Повеќе на оваа тема во Дневникот во 13 часот на МРТ1