Здравство

Во Куманово пријавена епидемија на голема кашлица

02.04.2024 13:56

По Скопје и во Куманово се заканува епидемија на голема кашлица. Центарот за јавно здравје Куманово пријави епидемија на пертусис до Институтот. Во оваа општина бројот на заболени се искачи на 23. Од североистокот по еден случај е регистриран и во Липково, Кратово и Крива Паланка …

Пријавена е епидемија на голема кашлица во Куманово. Од Центарот за јавно здравје информираат дека во најголемата општина во земјава досега се регистрирани 23 случаи на заболени од пертусис. На ниво на североистокот евидентирани се дополнителни три случаи, по еден од Липково, Кратово и Крива Паланка. Заболените се на различна возраст, од 4 месеци до 60 години.

Најзастапена е групата од една до 4-годишна возраст. Сите случаи се лабораториски потврдени во микробиолошката лабораторија на Центарот за јавно здравје.

Петтмина од заболените во Куманово се хоспитализирани.

„Во однос на вакциналниот статус на заболените од Куманово 8 лица се целосно вакцинирани, 3 се вакцинирани согласно возраста, пет лица се нецелосно вакцинирани и 6 се невакцинирани. За едно лице на 6 годишна возраст вакциналниот статус е непознат“, истакна д-р Едита Рамизи, епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.

Најдобрата заштита за дечињата од оваа болест е имунизацијата. Тоа е и препораката на здравствените лица, но и на граѓаните.

По појавата на првите случаи на заболени од пертусис, во здравствениот дом во Куманово значајно се зголеми бројот на заинтересирани за имунизација. Од јануари досега имунизирани се над 2.500 дечиња. Интерес има и кај помалите, но и кај училишните деца. Паралелно со пертусис голем дел од дечињата се имунизираат и со МРП вакцината. Во осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“ се примаат дечиња со примени три дози вакцина против голема кашлица. Центарот за јавно здравје Куманово ги презеде сите мерки по укажувањата на Комисијата за заразни болести и институтот за јавно здравје за заштита од оваа болест.

 

Елена Георгиевска