Предизвици на родителите на деца со аутизам
Се одбележува Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот. Сторија за предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со аутизам…

Јас нема да ја видам инклузијата на лицата со попреченост, но работам еден ден тие да бидат дел од него, вели Ирена Лозана, мајка на дете со аутизам. И таа ги минала фазите на тага, гнев и на осудување.
„Во тие состојби не можеш да гледаш решение, иако бараш и се обидуваш. Но, кога боли толку многу и не можеш да издржиш, си викаш, ајде доста е од ова и да видиме што можеме да направиме“, вели Ирена.
Раниот детски развој го испуштиле, немало кој да ги насочи. Во училиштето имале немил настан со учителката, што го вратило неколку чекори назад. Според Ирена, прекрасно е децата да се описменат, но побитни им се животните вештини.
„Сакав да работам и работам, не само на Кан и на другите деца. Треба да сме свесни дека животните вештини се првите за кои мораме да размислуваме да ги засилиме. Тие да бидат подготвени дома да се справат, да можат да направат нешто за јадење, да одат во тоалет. И емоционалната интелигенција е важна“, додава Ирена.
Родителите им помагаат на своите деца, најдобро што знаат, умеат, можат, но некој треба да им помогне и ним.
„Во моментот состојбата е таква што родителите се оставени сами на себе, нема никакви центри за поддршка на семејството. Родителите сами треба да се справуваат со својата психолошка состојба, со емоционалната, со економската, со сè она што е неорганизирано од системот“, нагласува Ирена.
И додека надлежните почнат да си ја вршат својата функција, Ирена со апел до родителите: „Држете се со другите родители кои веќе го поминале патот кои можат и сакаат да помогнат. Родителот може најмногу да му помогне на другиот родител, да го насочи, да не губи време, да не губи ресурси и да го искористат најдобро времето.“
Наташа Јанчиќ-Менковски
