Руско-украински конфликт

Започна расправата во Хаг за руската агресија врз Украина

02.04.2024 14:42

Гонењето на воените злосторства во Украина, тема на дискусија на министри и официјални претставници од десетици земји, во Хаг. Украински беспилотни летала ја нападнаа третата по големина рафинерија во Русија, во Татарстан. Германското Министерство за одбрана соопшти дека земјата ќе и помогне на Чешка да ја зголеми доставата на муниција за Украина...

На повеќе од две години од руската инвазија, гонењето на воените злосторства во Украина, тема на дискусија на министри и официјални претставници од десетици земји, во Хаг. Киев и сојузниците, заедно со Европската комисија сакаат да се погрижат осомничените за воени злосторства да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Овие ужасни злосторства на Русија не можат да останат неказнети. Од клучно значење е меѓународната заедница да работи заедно за да ги приведе и испрати луѓето во затвор и да завршат истрагите“, изјави Ханке Бруинс Скот, министер за надворешни работи на Холандија.

Регистарот на штети, договорен на ланскиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик, формално стапува во сила. Украинците ќе можат да поднесат барања за надомест на штета, загуба или повреда претрпена за време на руската инвазија и да се осигураат дека Русија ќе одговара во иднина со репарации.

„Тоа е првиот чекор во механизмот за компензација. Но, подоцна на списокот ќе се додадат и други категории на имот и во иднина едно лице ќе може да поднесе жалба практично за каква било штета што ја претрпеле“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

На фронтот жестоки битки. Украински беспилотни летала ја нападнаа третата по големина рафинерија во Русија, во Татарстан. Руските власти меѓудругото, велат дека зазеле повеќе украинска територија оваа година, но и дека спречиле шверц на 27 импровизирани експлозивни направи скриени во икони од Украина во Русија.

„Ќе продолжиме да ја намалуваме борбената способност на непријателот. Од јануари, украинските оружени сили изгубија повеќе од 80 илјади воен персонал. И покрај недостигот од резултати на линијата на воен контакт, Киев сè уште се обидува да ги убеди западните спонзори дека останува способен да се спротивстави на руската војска“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.

Во меѓувреме, германското Министерство за одбрана соопшти дека земјата ќе и помогне на Чешка да ја зголеми доставата на муниција за Украина преку финансирање на набавка на 180.000 артилериски гранати.

 

 

Маријана Димовска