Студентите и вработените на ФИНКИ повторно излегоа на протест пред Владата
Втор протест на студентите од ФИНКИ. Студентите одржаа протестен маратон по повод денот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. По завршување на трката одржаа мирен протест пред Владата за подигнување на свеста за подобрување на условите за студирање...

Студентите и вработените на ФИНКИ повторно излегоа на протест пред Владата со истото барање – надлежните да им обезбедат простории за настава. На утрешната владина седница очекуваат позитивен одговор – Бирото за образование и развој да ги отстапи просториите, да можат новата академска година да ја почнат во тој привремен простор.
„Изминатите десет дена, по нашиот прв протест, активно комунициравме со претставници од разни институции коишто ги посочи Владата, за изнаоѓање трајно решение, но засега тоа е невозможно да се направи. Затоа сè уште стоиме на нашето барање да се ослободи што е можно повеќе простор во техничко-технолошкиот кампус за да можеме да го реновираме и од 1-ви октомври да почнеме со настава во тие простории“, изјави Боро Јакимовски – декан на ФИНКИ.
Доколку не се изнајде решение, протестите ќе продолжат и во наредниот период. На ФИНКИ студираат речиси 5.500 студенти, наставата ја следат на неколку факултети од техничкиот кампус во Карпош. Велат, условите не се соодветни – немаат амфитеатри, а предавалните се тесни.
„Просториите на Технолошко – металуршкиот факултет се мали, ние сме многу студенти, некогаш нема место за предавања, за вежби“, изјави студент.
„Во еден ден полагаме по три – четири колоквиуми и тоа е проблем, во кабинетите нема место“, вели друг студент.
Многу подобро ќе може да се искористи квалитетот на кадарот и тоа како можат да предаваат професорите и асистентите ако имаме соодветни простории што не собираат сите“, додава трет студент.
Со овој проблем ФИНКИ се соочува повеќе од една деценија. Трајно решение е изградбата на новиот објект кај ректоратот на скопскиот универзитет, кој седум години е во застој поради стечај на фирмата изведувач. Од ФИНКИ се надеваат дека идната влада ќе продолжи со доградба на објектот.
Андријана Ѓурческа
