Две лица приведени за инцидентот во Арачиново
Две лица се приведени под сомнение за помагање во инцидентот кој вчера се случи во Арачиново, кога беше отворен оган врз градоначалникот на општината, Ридван Ибраими. Од МВР велат полицијата е на терен и постапува. Повредените се во стабилна состојба. Зелс го осуди нападот врз градоначалникот Ибраими...

Две лица се приведени под сомнение за помагање во врска со инцидентот кој се случи во Арачиново во кој настрадаа две лица, потврдуваат за јавниот сервис од МВР. Оттаму велат дека полицијата е на терен и постапува по налог на обвинителот, со цел да се расветли случајот.
Мотивите засега не се познати, а активно се трага по напаѓачот кој отвори оган врз градоначалникот Ридван Ибраими кој помина без повреди, но со огнострелни рани завршија негови соработници. Од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ велат дека пациентот што кај нив е згрижен, се опоравува и наскоро ќе си оди дома.
Се проверуваат безбедносните камери, но и нерасчистените релации коишто ги имал градоначалникот од порано со лица коишто му се заканувале. Од матичната партија на Ибраими, ДУИ не веруваат дека инцидентот има политичка заднина.
Пукотниците во скопско Арачиново, повод и за меѓупартиско препукување. Социјалдемократите вината ја лоцираат во ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека секогаш кога партијата е на чело на МВР се влошува безбедносната состојба во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговараат дека СДСМ е креатор и логистичар на криминалните банди на ДУИ кои се пресметуваат меѓу себе.
Вооружениот напад го осудија и од ЗЕЛС.
„Ова не е прв пат во нашата земја да се посегне по животот на градоначалник, токму при извршувањето на неговите работни обврски. Затоа бараме надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори“, стои во реакцијата на ЗЕЛС.
Анита Димитријевска – Велковска
