Гонењето на воените злосторства, тема на дискусија во Хаг
Во Хаг, конференција за воени злосторства во Украина. Зеленски бара правдата да биде задоволена. Путин се пофали, 3,2 милиони жители од окупираните територии добиле руски пасоши. Американскиот државен секретар Блинкен порача, неопходно е да ѝ се испрати повеќе оружје на Киев...

Министри и официјални лица од десетици земји на конференција за враќање на правдата во Украина. Гонењето на воените злосторства, тема на дискусија во Хаг. Регистарот на штети, договорен на ланскиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик, формално стапува во сила. Украинците ќе можат да поднесат барања за надомест на штета, загуба или повреда претрпена за време на руската инвазија и да се осигурат дека Русија ќе одговара во иднина преку репарации.
„Украинците бараат правда сега. Не во далечна иднина. Тие не сакаат да слушнат дека правдата ќе биде задоволена. Тие сакаат да ја видат веќе е заслужена не само на бојното поле, туку и во судниците“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Војната остави десетици илјади жртви и повредени. Таа остави милиони раселени и резултираше со долга и добро документирана листа на меѓународни злосторства“, изјави Ханке Бруинс Скот, министер за надворешни работи на Холандија.
„Апсолутно неопходно е да се испрати повеќе оружје во Украина“, изјави американскиот државен секретар Блинкен при посетата на Франција.
„Ние се наоѓаме во критичен момент кога е апсолутно неопходно да им се обезбеди на Украинците она што и натаму им треба за да се одбранат, особено кога станува збор за муниција и противвоздушна одбрана“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Руската рака ќе стигне до сите кои наредиле и имале корист од терористичкиот напад во концертната сала во Москва, вели рускиот претседател Путин. Ги повика властите да се погрижат луѓето кои бараат руско државјанство да ги почитуваат вредностите на земјата.
„Во најтешката ситуација, кога продолжуваат непријателствата, повеќе од 3.2 милиони жители на Доњецката и Луганската народна република, Запорожје и Херсонските региони добија пасоши како државјани на Руската Федерација. Само оние кои ја почитуваат нашата традициите, јазикот, културата и историјата можат да дојдат, да живеат и работат во Русија“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
На фронтот жестоки битки. Украински беспилотни летала ја нападнаа третата по големина рафинерија во Русија, во Татарстан. Руското министерство за одбрана вели дека зазеле повеќе украинска територија оваа година. Назначени нови команданти на флотата на руската воена морнарица.
Маријана Димовска
