БЛИСКИ ИСТОК

Меѓународната заедница бара одговорност по нападот врз хуманитарците во Газа

02.04.2024 18:56

Состојбата на Блискиот Исток не мирува. Меѓународната заедница бара одговорност по нападот врз хуманитарци во Појасот Газа. „Тоа се случува во војна, нападот беше ненамерен“, изјави премиерот Нетанјаху. Техеран предупредува на можни одмазднички мерки, го обвини Израел за гранатирањето на нивната амбасада во Дамаск.

Седуммина хуманитарни работници на организацијата на Светската централна кујна загинаа во воздушен напад во газа додека доставувале храна од најновиот пакет помош. Меѓу нив, тројца Британци, Австралиец, полски државјанин и Американец.

„За жал, имаше трагичен инцидент и ненамерен удар на нашите сили врз невини луѓе во појасот газа. Ова се случува во војна. Ние го проверуваме ова темелно. Ние сме во контакт со владите и ќе направиме се за ова да не се повтори“, изјави израелскиот премиер. Бенјамин Нетанјаху

Хуманитарците мора да бидат заштитени – посочуваат од белата куќа. Светската агенција за храна ги суспендира сите активности во регионот.

„Австралија очекува целосна одговорност за смртта на хуманитарните работници што е целосно неприфатливо“, порача Ентони Албанес, премиер на Австралија.

„Загинаа додека го правеа она што со години оваа организација го прави – храни луѓе среде толку многу пустош. Се надевам и барам израелската влада што е можно поскоро да ги разјасни околностите на овој брутален напад“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.

„Бараме од Израел итно да истражи што се случило, очигледно е дека има прашања на кои треба да се одговори“, изјави Риши Сунак, премиер на велика Британија.

Иран најави остар одговор по израелскиот напад во Сирија во кој беше погоден нивниот конзулат во Дамаск. Загинаа неколку лица, меѓу нив и висок командант на револуционерната гарда.

„Ционистичкиот режим знае подобро од кој било дека таквите злосторства и кршењето на меѓународното право ќе имаат свој одговор во соодветно време“, изјави Хосеин Акбари, ирански амбасадор во Сирија.

Тел Авив, кој ретко ги признава таквите напади, рече дека нема коментар за инцидентот во Сирија. Претходно го обвини Иран за напад со дрон врз поморска база во јужен Израел.

 

Бојана Крстевски